За нас

     Спортската академија се основа како Државно средно училиште со гимназиско образование, со Одлуката на Владата на Република Македонија бр. 42-8316/1 од 7. 12. 2015 год. (СЛ. Весник на РМ бр.217 од 11. 12. 2015 год.)

     Академијата има цел да обезбеди соодветно прилагоден образовен систем на учениците кои се талентирани спортисти, а при тоа да го зголеми фокусот кон нивниот професионален спортски развој, односно да организира тренинзи од избраниот спорт во текот на секој учебен ден, реализирани од стручни лица – тренери кои се ангажирани од страна на училиштето. Во таа насока, младите и талентирани спортисти, потенцијалните национални спортски репрезентативци, ќе имаат можност дополнително да работат и се развиваат на спортски план, а при тоа непречено да го реализираат и својот интелектуален и академски развој.

     ДСУ Спортска академија формира спортски паралелки во четирите спорта – кошарка, тенис, фудбал и ракомет. За секоја од нив е задолжен спортски ментор, а за реализација на тренажниот процес се грижат професионални тренери, избрани од националните спортски федерации.

     Спортските стручни лица кои се вработени или ангажирани од страна на Спортската академија се од редот на афирмирани спортски работници, со професионално играчко и тренерско искуство, меѓу кои се Милева Велкова, Ванчо Димовски, Наталија Тодоровска, Јулија Дамчевска, Благоја Васиќ, Метлиовски Никола, Небојша Ѓуковиќ, Александар Петровиќ, Стојна Вангеловска, Глигор Санев, Горан Шевченко, Предраг Митковски, Марио Вујовиќ, Горан Станиќ, Гого Јовчев….

      Тренинзите се изведуваат на терени изградени од страна на ФФМ, во соработка со ФИФА и УЕФА, за фудбалските паралелки, во спортски објекти изградени од Агенцијата за млади и спорт, за ракометните и кошаркарските паралелки, како и во затворени објекти – балони, во тениските центри Југ, ИТЦ и Аеродром, за тениските паралелки.

     Уписот на ученици во Академијата, покрај основните критериуми согласно закон, се врши по определено тестирање на нивните спортски вештини во 4 спорта – тенис, кошарка, фудбал и ракомет. По рангирањето врз основа на тестирањето, комисиите, односно националните спортски федерации, даваат потврди за завршено тестирање, а истите се задолжителни за упис на ученици во ова училиште.

     Учениците во Спортската академија можат да конкурираат за добивање на стипендија, согласно објавениот Конкурс за доделување на стипендии на редовни ученици запишани во спортска академија

     По завршување на 4 година, учениците на Спортската академија полагаат Државна или Училишна матура и стекнуваат право на аплицирање на факултетите во образовниот систем на државата.

     Дисперзираните паралелки на училиштето во 9те градови ги изведуваат соодветните тренинзи во спортски објекти кои се обезбедени од страна на општините, и тоа во Битола, Охрид, Велес, Прилеп, Штип, Гостивар, Тетово, Струмица и Кавадарци.

Сподели:
Facebooktwittergoogle_pluslinkedinFacebooktwittergoogle_pluslinkedin