Легендарниот македонски кошаркар, Дејан Јовановски, во својство на прв човек на Државното средно училиште „Спортска академија“, даде кусо интервју за „Дерби“ во насока на појаснување на фактите околу уписот за учебната 2016/2017 година.
Ова училиште започна со селективни тренинзи во врска со уписот на ученици во новата учебната година, и тоа во спортовите кошарка, фудбал, ракомет и тенис. Јавниот повик во кој се утврдени термините за селекција се објавени на веб страната на Министерството за образование и наука (http://mon.gov.mk/index.php/konkursi/1239-konkurs-sportska-akademija), како и на секоја од овие федерации.
ДЕРБИ: Дали може да се каже „Спортската академија“ ќе биде училиште кое најмногу ќе одговара на младинците кои го избрале бавењето со спорт како свој професионален предизвик?
– Спортската академија е средно училиште со гимназиско образование, со посебен Наставен план и програма, при што учениците матуранти полагаат државна или училишна матура по избор, а имаат можност да аплицираат на било кој од Факултетите. Имајќи предвид дека тие се избрани по посебни спортски критериуми, учениците на Спортската академија се највисокиот таргет на потенцијални студенти на Факултетот за Физичка Култура. Сепак, за нештата да бидат појасни, по матурирањето нашите ученици ќе можат да се запишат на кој било факултет, како продолжување на нивниот академски развој, но ќе имаат предност доколку го изберат Факултетот за физичка култура,
ДЕРБИ: Колку посетувањето на спортското училиште ќе биде од корист за идните спортисти во овој период од нивниот развој?
– Сите ученици од овие четирите спорта во рамките на Академијата ќе имаат можност за утрински тренинзи со високо професионални тренери избрани од федерациите на посебен конкурс, кои вообичаено се и селектори на младинските репрезентации. Учениците добиваат соодветна опрема, потребна реквизита и тренажни услови на ниво на високо професионален клуб. На тој начин талентираните спортисти ќе имаат два тренинга дневно, имајќи предвид дека во поладневните часови тренираат со своите матични клубови, со што ќе го удвојат времето кое го посветуваат на својот развој во клучниот момент од нивната возраст.
ДЕРБИ: Што станува со натпреварите за калење и обезбедувањето соодветно практично искуство во спортувањето?
– Спортската академија има своја Програма за меѓународни активности, односно предвидени учества на мегународни турнири и натпревари, што е можност за презентирање на македонскиот спорт и воопшто на учениците спортисти и нивна афирмација во нивната понатамошна спортска кариера. Инаку, тренинзите на учениците спортисти се реализираат во повеќе сали изградени од Агенцијата за млади и спорт, фудбалски терени обезбедени од Фудбалската федерација на Македонија, како и тениските терени Југ, ИТЦ и Аеродром, со што од самиот почеток тие ќе ги имаат најдобрите услови за континуиран развој.
Leave a Reply