
Тренерот на РК „Вардар“ Раул Гонзалес денеска одржа тренинг со учениците од ракометната паралелка на Спортската академија во фискултурната сала при ДУФК „М.М. Брицо“ во Скопје.

Директорот на Спортската академија Дејан Јовановски рече дека претставува чест да се биде домаќин на стручњак и професионалец како Гонзалес.
Со ова го затвораме проектот „Гости тренери“ за оваа учебна година. Од следната година размислуваме тоа да стане пракса еднаш месечно и да воведеме систем на пријателски натпревари со соодветните младински селекции на клубовите, рече Јовановски.
Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски рече дека во рамки на проектот изминатите два месеци со учениците работеле доста звучни имиња, стручњаци, експерти и тренери во рекомет, фудбал, кошарка и тенис, како светскиот ракометен стратег Лино Червар, Индира Кастратовиќ, Марин Докузовски, Тодор Гечевски и денешниот гостин Раул Гонзалес.
Праксата покажа дека е од исклучително значење вклучувањето на вакви високо професионални тренери, затоа што самиот процес на дисциплинирање и работење на сите ученици во делот на редовните тренинзи, како и професионалното спроведување е од огромно значење за висококвалитетно развивање не само од образовен, туку и од професионален спортски аспект, што е и крајна цел на спортската академија, рече Ристовски.
Тренерот Раул Гонзалес изрази благодарност до академијата за поканата и ја пофали идејата и целиот проект.
Ако сакаме професионални млади играчи кои ќе имаат шанса, треба да тренираме и да се подготвиме многу. Треба да тренираме 100 проценти. Тука имаме услови и можеме да користиме се. Многу добра идеја. Кога си млад, само треба да се фокусираш и да тренираш добро, рече Гонзалес.
Проектот „Гости тренери“ е на Министерството за образование и наука во соработка со Спортската академија во рамки на кој изминатите неколку месеци беа организирани тренинзи на еминентни имиња од областа на фудбалот, ракометот, кошарката и тенисот со учениците од академијата.
Академијата има 779 ученици во сите четири години, вклучително и дисперзираните паралелки во девет града, а застапени се четири спорта – тенис, кошарка, фудбал и ракомет.
Leave a Reply