Ангеловски: Го загубивме мечот, но добивме два екстра-таленти

Селекторот Игор Ангеловски изрази задоволство од покажаниот карактер и подобрата игра во второто полувреме против фаворизираната Шпанија. Македонскиот кормилар потенцираше дека најважно од оваа средба е што нашиот национален тим добил двајца нови талентирани играчи, Кристијан Тошевски и Елиф Елмас.

„Мораме да бидеме реални дека игравме против еден навистина квалитетен тим. Воопшто не сум задоволен од првото полувреме, како да игравме во грч и не покажавме што знаеме. Во вториот дел влеговме во ритам, постигнавме гол, а потоа имавме и ситуација преку Несторовски со која можевме да стигнеме и до реми. Не може да се биде задоволен по пораз, но мене ме радува покажаниот карактер против селекција што важи за една од најдобрите во светот. Можеби го загубивме натпреварот, но добивме два екстра-таленти, Елмас и Тошевски, тоа се двајца големи таленти кои ќе добијат многу со искуството од овој натпревар. Тошевски добро си ја заврши работата, а видовте дека Елмас и на своите 17 години ја раздвижи нашата игра против голем ривал како Шпанија“ – изјави Ангеловски веднаш по натпреварот.

Македонскиот селектор е оптимист и кога станува збор за следните предизвици во овој квалификациски циклус, особено дуелите со Албанија на домашен терен и на гостувањето во Израел.

„Мислам дека со исклучок на Шпанија и Италија како големи фаворити, ние по квалитетот можеме да се носиме и со Албанија и со Израел и очекувам тоа да го покажеме на следниот натпревар. Ова се селекции што по квалитетот се приближно до нас, знаеме што се случуваше во Скадар, па Из1раел славеше во Албанија, па сега Албанците се реваншираа, сето ова ни дава верба дека ќе успееме да стигнеме до позитивни резултати на следните натпревари. Ако играме како на последните неколку средби, верувам дека можеме да оствариме нова победа во овие квалификации“ – изјави Ангеловски.

Сподели:
Facebooktwittergoogle_pluslinkedinFacebooktwittergoogle_pluslinkedin

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*