Промоција на книгата „Дамка мастило “ од нашата ученичка Антониа Радевска

На 08.10.2022 година во Скопје, во „Концепт 37“, пред љубителите на убавиот пишан збор, гости и пријатели, претставници на институции, издавачот „Ѓурѓа“, свечено беше промовирана најновата книга на Антониа Радевска, романот „Дамка мастило“. Настан којшто блесна во сиот свој сјај, налик на светска промоција, каде што триумфални настапи имаа авторката Антониа Радевска, ученичка во ДСУ „Спортска академија“ – Скопје, како и рецензентот на романот, Павле Прочков, професор по македонски јазик и литература во ДСУ „Спортска академија“, а публиката уживаше во богатиот и разновиден концепт на Промоцијата за којашто уште долго ќе се зборува.

На самиот настан беа демонстрирани извадоци од романот, а зборот на Радевска беше оживеан во интерпретација на Верица Милорадова и Теодора Новеска. На паузите од читањето, гостите можеа да го проследат дуото – брат и сестра, Стефан Петановски на гитара и Ана Петановска – вокал, со извонредна изведба на наша македонска музика.

За романот „Дамка мастило“, зборуваше проф. Павле Прочков, а модератор беше Верица Милорадова. Професорот Павле Прочков го истакна следново за авторката и за нејзиниот нов роман – дневник, бестселер како што го нарече тој во својот говор…

„…Мислам дека се премалку зборовите за да се опишат квалитетите на Антониа Радевска затоа што само „позитив“ е нејзинината клучна максима. Постојано посветена на училиштето, спортот, ангажманите во нејзиниот клуб, насекаде каде што таа е повикана и треба да постигне бидејќи зад нејзиното големо име не постои „НЕ“. Авторската дејност е додатниот стимул во нејзиниот живот и нејзина најголема љубов којашто веќе резултираше со една книга во проза, и се разбира, сега и нејзиното ново остварување „Дамка мастило“, како што веќе го нареков бестселер, за некој што има само 18 години, а чиј стилски израз и креативност во пишувањето ги надминуваат и веќе докажаните имиња во книжевниот опус. Мислам дека во овој момент и не постојат доволно блескави епитети во неколку минути да се опише ова ремек-дело би рекол на надоаѓачкиот магнум во светот на прозното творештво и модерниот роман, нашата Антониа Радевска. Зборувајќи на универзален јазик со естетски нагласена перцепција на суптилност, имагинарност и реалност, наративот на овој роман – дневник со убедлив искон на вистински мајстор во обликувањето на убавиот пишан збор, со несекојдневна метаморфоза на животниот пат на главната хероина во делото, Џули, ја доживуваме нејзината приказна, потрагата по личното „јас“, театарот, триумфот, среќниот крај…“; – истакна професорот Павле Прочков.

Пред присутните се обрати и авторката, Антониа Радевска, која ќе рече дека делото „Дамка мастило“ е досега најголемиот проект што го имала реализирано. Се работи за проект којшто започнува пред четири години. Сѐ додека не беше завршена првата книга, новелата „Животен белег“, започнува со пишување на втората книга во проза. Како дете таа се сеќава на моментот кога дома во едно зимско попладне ќе ги напише првите два реда од почетокот на делото не знаејќи што понатаму ќе биде од сетоа тоа. Единствено е целта, според наративот на Антониа. Целта да биде прикажано дека зад современите рамки на денешното гламурозно и екстравагантно живеење со многу слава, пари и моќ, она по коешто сите ние копнееме или подобро кажано барем еден дел од нас копнее да го има, всушност не тече мед и млеко и не е сѐ така како што е изгравирано на преубавите фонтани во дворот на еден прекрасен, вонсериски направен имот… „Да се разбереме, јас го подржувам материјалното, но само доколку оди под рака со она духовното, во спротивно би изгубило секаква смисла.“ – ќе надополни авторката на овој несекојдневен и примамлив роман за читање.

Понатаму како го развива делото, така се развиваат ликовите, нивните идеи, карактерни црти, карактеристики, ментални и антрополошки, се разбира, во склад со она што авторката го пласира како писател. Сосем спонтано, си спомнува Радевска, дадов за право во мојот роман да ја сместам главната хероина воедно и главниот лик, носач на сопствениот живот, минувајќи ги со неа сите нејзини фази, и периоди, прашувајќи се постојано, а никаде не наоѓајќи го одговорот. Не знаејќи ни каде да бара… Одговорите не седат под дрво и под камен, не цутат во крошните на пролетните дрвја, не се кријат ниту во екстравагантните градби како што е нејзиниот простор без душа, живеалиште во кое недостасува живот, а тоа е ледениот имот како што и самата таа го нарекува… Но, животот е чудесно патување, па верувајќи во него тој нѐ разнесува, нѐ убива, ни ја менува кожата… Но, знаете што? После такво касапење вонаналогно на тоа следува препородба… Препордба од која се враќаме посилни, појаки, поистрајни, подобри…. Осветлени во темнината. Темнина за светлина. Затоа што без темнина не се гледа ниту светлината.

На крајот од настанот овозможено беше, на промоцијата, книгите да се купат по специјална промотивна цена.

Антониа Радевска е ученичка во ДСУ „Спортска академија“ – Скопје, а романот „Дамка мастило“ е второ авторско дело на младата Антониа, која воедно е автор и на новелата „Животен белег“.

„Дамка мастило“ е роман за почетокот и крајот, за промените, за ситниците што немаат цена, за нештата во животот што не се продаваат, ги нема по рафтовите и по продавниците, не се купуваат со пари… Роман за вистинските нешта во животот коишто немаат рок на траење…

mk_MKMacedonian