Иво Марковски, ученик од трета година фудбал во Спортска академија-Скопје двоен стрелец во триумфот на Македонија против Црна Гора
Македонскиот национален тим до 18 години го одигра вториот контролен натпревар против соодветната селекција на Црна Гора. На стадионот во Струмица, избраниците на селекторот Димитар Капинковски забележаа победа од 2:1.
Херој на натпреварот беше фудбалерот на Вардар, Иво Марковски, кој ги постигна двата погодоци за нашата селекција. Првиот гол го реализираше во првото полувреме, кога по продор по десната страна се обиде да нафрли, а со помош на стоперот на црногорската репрезентација топката заврши во мрежата.
Во вториот дел Марковски уште еднаш се запиша во листата на стрелци, потврдувајќи ја добрата игра на македонската селекција. Гостите од Црна Гора успеаја да намалат, но немаа сили за целосен пресврт.
