Илија Пенов: Спортската академија треба да „извади“ идни легенди

Потпретседателот на МКФ, Илија Пенов, го поздрави проектот на Спортската академија, во чии рамки денеска тренерите Емил Рајковиќ и Александар Тодоров одржаа тренинг со учениците, за што „Дерби“ објави посебна сторија.

Тој изрази целосна поддршка на Спортската академија, тврдејќи дека таа има потенцијал да стане алка во процесот на систематска работа со младите таленти, поради што биле постигнати слаби резултати во минатиот период.

ДЕРБИ: Со програма која опфаќа 180 тренинзи во претпладневниот (школски) период се удвојува периодот што младите спортисти го имаат во својот тренажен процес за една сезона, а директен бенефит од тоа би требало да добијат младинските селекции кои се под закрила на МКФ?

Поставеноста и капацитетите на Спортската Академија овозможуваат реализација на континуирана и контролирана работа, во текот на целата година со младинските селекции, која, емпириски потврдено, носи неспоредливо подобри репрезентативни резултати, екипно и индивидуално, при обуката и производство на играчите. На сличен начин, како екипа, во континуитет преку целата година, последен пат се работеше со генерацијата 1981/82 кога беа младинци. Тоа се кошаркарите кои подоцна ги освоија првите места на претквалификацискиот и квалификацискиот турнир во конкуренција со репрезентации како Турција, Италија, Литванија, Израел, Хрватска, како и петто место на Европското првенство (А дивизија). Од таа генерација излегоа” дури 7 играчи, чиј континуитет продолжи и во сениорската репрезентација: Перо Антиќ, Ристе Стефанов, Димитар Мираковски, Златко Гоцевски, Слободанчо Хаџивасилев, Кирил Павловски, Енес Хаџибулиќ. Поради отсуство на национална стратегија во последните години и не препознавање на огромните можности на Академијата, работата со младите репрезентации се сведуваше на кампањски собири во ограничени периоди, најчесто 20 дена пред европските првенства, што придонесе, не само до поразителни екипни резултати во Б дивизиите, туку и од дефицит на обучени кошаркари во сениорска конкуренција. Оттука, очекувањата се дека преку Спортската академија можеме само да напредуваме и да очекуваме да се избрусат нови имиња кои потоа ќе влезат во историјата на македонската кошарка.

ДЕРБИ: Дали тоа значи дека МКФ ќе инсистира и ќе дава предност на оние кошаркари кои ќе бидат дел од Спортската академија?

– Интенцијата на МКФ е работата со младинските селекции (У14, У16 и У18), кои возрасно се поклопуваат со средношколската возраст на учениците, во најголем обем да се реализира преку Спортската академија. Потребно е да се исполнат три предуслови, при што припадноста во академијата е првиот, додека вториот е тренери да им бидат селекторите на младинските селекции. Третиот услов е усогласување на програмата за работа на МКФ со практичната настава во академијата. Во ситуација кога федерациите, за жал, немаат доволно финансии, самостојно да финансираат програми за работа со младинските репрезентации во текот на целата година, особено за повеќе генерации истовремено, можностите кои ги нуди Академијата се реална алтернатива. Токму затоа, сите учесници во кошарката, почнувајќи од федерацијата, преку клубовите, тренерите и играчите треба да направат максимални напори, во непосредна соработка со Спортската Академија, најсоодветно да се искористат капацитетите и ресурсите на Академијата, бидејќи интересот е заеднички. Практично, еден ученик во Академијата, односно потенцијален младински кошаркарски репрезентативен, ќе помине низ четиригодишен циклус, на стручна, континуирана и контролирана програма, изведувана од квалификувани тренери, избрани од МКФ, во силна конкуренција, под непосреден мониторинг на федерацијата. Со ова, се овозможуваат оптимални услови за правилна обука на младите кошаркари, која е неопходна за брзо вклопување на играчот при преминот од младинска во сениорска конкуренција.

ДЕРБИ: Што се случува со клупските интереси каде што овие играчи ги почнале своите први чекори и се дел од нивните планови за иднината?

Тренажниот процес во Академијата, не е во колизија со тренажните процеси во клубовите, каде тренинзите се изведуваат во попладневните и вечерните часови. Практичната настава во Академијата е во склоп со наставната програма, која треба да обезбеди квалитетен образовен процес за најталентираните спортисти, кои натаму треба да бидат вистински и позитивен пример за општеството. Бидејќи играчот останува под договор со матичниот клуб, секој тим што размислува во интерес на развојот на својот играч, треба да биде среќен ако тој влезе во академијата и продолжи да се надградува со другите кои се најдобри во тој спорт од таа генерација. Дополниѕтелно, извонредно значајна е меѓународната програма за спортски активности на академијата, која овозможува кошаркарите да стекнуваат драгоцено меѓународно искуство, преку настапи на меѓународни турнири и натпревари, што е една од основните детерминанти во развојот на играчот.

08 dresovi rajkovic todorov zaednicka slika

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*